Најавија штрајк, па се повлекоа. По двочасовен прекин на работата, вработените во ЈСП се вратија да возат по скопските улици. Вознемирени граѓани, полни улици со автомобили, гужви на семафорите и нервозни возачи ..ваква беше сликата утрово.
Иако вчера надлежните соопштија дека вработените ќе ја добијат јануарската плата тие не се предомислија па смената ја започнаа подоцна. Метрополата не може да функционира без јавен градски превоз велат граѓаните.
„Сега извадив слободна 1500 денари, за една недела ќе треба повторно превоз немам.Кој ? Од народот? До кога вака? Не знам ова се страшни работи “, вели граѓанка.
„Сега додека почнаа од гаража да излегуваат, доцнат можеби 15-20 минути, инаку имаше и сабалје автобуси ако не градски приватен имаше“, вели граѓанка.
„Колку и да чекам нема крај. Пишува дека за една минута треба да дојде 24-ка,но нигде ја нема. Еве гледате народот на работа оди, но изгледа тука на автобуска ќе му биде работното место “,вели граѓанин.
Платите на вработените не доцнат и се исплаќаат редовно во тековниот месец тврдат од ЈСП .
„Платите во ЈСП Скопје се на одобрување со доставени пресметки од овој месец со дополнителни работни часови, ноќна и прекувремена работа. Веруваме дека повторно постои политичка тенденција да се создаде вештачка криза таму каде што не постои“,велат од ЈСП.
Ова е втор пат вработените во ЈСП „Скопје“ да се одлучат на штрајк. Пред само еден месец со паркирани возила и возачи пред градското собрание ја бараа декемвриската плата. По долга и жестока дебата и две неуспешни вонредни седници советниците изгласаа 11 милиони евра субвенции од Град Скопје, кои според градоначалничката Данела Арсовска, пари доволни за вработените во ЈСП да имаат редовна плата цела година. Но, еден месец подоцна ЈСП повторно има проблем со платите односно не се исплаќаат во законски предвидениот рок до 15-ти во месецот и затоа вчера синдикатот најави дека автобусите нема да возат. Но за разлика од претходниот штрајк кога вработените во ЈСП добија поддршка од нивните колеги, денеска приватните превозници беа на работа.
Симона Петровска