Почна кадровското разрешување на кадрите од Алијанса за Албанците кои застанаа на страната на Таравари. На вечерашната владина седница се разрешени Бујарe Абази од функцијата директорка на Пошта на Македонија и Газменд Абдија, од позицијата директор на Агенцијата за странски инвестиции.
Тоа, за министерот за информатичко опоштество е фрлање масло во огнот од страна на ДУИ, бидејќи кадровските прашања првин треба да се синхронизирани на ниво на владината коалиција, а потоа евентуално да се најдат на владина седница.
Министерот Кренар Лога, кој е на страната на екс –претседателот Зијадин Села, не бил на седницата, но „за“ гласале двајцата заменици министри од редовите на Алијанса, Тирон Јајага и Вјолца Бериша.
Алиу, како надлежен министер за такви прашања, не е консултиран.
Артан Груби е тој што одлучува, Артан Груби одлучил заедно со колеги, за жал, од нашата политичка партија, да се разрешат, и најверојатно ќе продолжат да разрешуваат тоа што можат. тоа што нема да можат најверојатно ќе се мачат повеќе, или ќе се обидат со други методологии и пристап. Оставка од нас нема да има, така да ако имаат други можности и методологии нека пробаат, рече Алиу.
Алиу и Меџити немаат намера да си поднесат оставки, а одлуката на кадровската комисија од Алијанса, која вечерва побара и нивно разрешување, ја сметаат за нелегитимна.
Алијансата за Албанците нема крило, значи таа е една и единствена, има легитимни органи, има легитимен претседател кој се вика Арбен Таравари. Тој е легитимен претседател на партијата. И ние сме, како активисти на Алијансата за Албанците, двајца министри што кажавме веќе, вие нѐ следевте вие 11 месеци, најверојатно оваа влада не е научена да види министри кои навистина постигнуваат успех, рече Меџити.
Министрите се пожалија и дека, сите нивни барања вечерва се одбиени, меѓу кои се и точките за покачување на платите за медицинските сестри и за останатиот здравствен персонал, потпишување на колективен договор за вработените во Министерството за здравство, колективен договор за Клиниката Козле, одлука за паркингот во Клиничкиот центар и многу други.
На министрите вечерва не им беше дозволено да дадат изјави во владиниот прес центар, а надвор останаа и новинарските екипи, со образложение дека прес конференцијата не била најавена.
Далиборка Дамјанска Цветановска