Лидерите на Европскиот сојуз за промени, албанската опозициска коалиција, заедно со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во Приштина оствариле средба со косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на собранието Глаук Коњуфца.
„Во пријателски атмосфера разговаравме за политичките случувања во нашите земји, разговаравме и за нови можности за соработка во насока на унапредување на позицијата на Албанците во Република Северна Македонија и за заедничката европска перспектива“, напишаа лидерите на опозициската коалиција на Албанците.
Посетата на Приштина на Европскиот сојуз за промени во Приштина заедно со лидерот на Алијанса за Албанците е изненадување за политичката јавност.
Изет Меџити, еден од лидерите на ЕСП пред средбата изрази надеж дека во нивната коалиција пред изборите ќе се приклучи и партијата на Таравари, кој пак, не даде конкретен одговор.
На средбата присуствувал и Беќим Ќоку, кој е советник на Курти, но е од Струга и порано бил член на ДПА и на Алијанса за Албанците. Ќоку е сега член на Самоопределување на Курти и токму тој е мостот за поврзвување со опозициската коалиција.
Европскиот сојуз за промени претходно најави дека на нивните листи ќе има и имиња од Самоопределување, наведувајќи дека ќе се работи за лица со македонско државјанство, имајќи предвид дека Иборниот законик забранува учество на странски партии.













