Уште помалку од две недели имаат на располагање граѓаните чиј пасош гласи на државата Република Македонија. Турканиците пред пунктовите во Скопје продолжуваат, а надлежните во зависност од партиската определеност нудат или бараат решение.
Првата средба на новиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски беше денеска и тоа со грчката амбасадорка Софија Филипиду, а една од темите на кои се разговарало била и состојбата со патните исправи.
Во кусото соопштение од МВР стои дека Тошковски понудил решение, но не и кој бил одговорот на амбасадорката на понуденото решение и со колку обрасци во моментов располага министерството.
„На средбата беа потврдени заложбите за унапредување на меѓусебната соработка, особено во областа на безбедноста и полициската соработка. Министерот Тошковски го презентираше наследениот проблем со недостатокот на обрасци за патни исправи и предложи мерки за негово решавање“, информираат од МВР.
Министерот претходно најави дека ќе поднесе измени на законот за патни исправи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме поднесе иницијатива до Уставниот за времена мерка за примената на законот за патни исправи со што ќе се пролонгира рокот кој истекува на 12 февруари.
Според експертски извори на Телма, малку е веројатно дека може да се случат било какви измени и Уставниот суд воопшто да навлезе во било каква оценка, бидејќи измените на законот за патни исправи се директно поврзани со уставните измени и преспанскиот договор.
Турканиците пред пунктот кај полициската станица „Пролет“ и во зградата на МТВ продолжуваат, граѓаните се обидуваат да извадат нови документи, а од МВР апелираат доколку не е неопходно и не се патува во странство во блиска иднина да се почека за вадење на нова патна исправа.
Огнен Чанчаревиќ













