Битола од понеделник ќе може да здивне. Гранатите од Прва светска војна ќе се пренесат од градот на козулите и ќе бидат уништени на полигонот Криволак. Досега се откриени 110 тони артилериска муниција која по новинарските информации доби и физичко обезбедување за да се спречи оштетување, несакани експлозии, па дури и кражби на експлозив.
Седумината пиротехничари на ДЗС ќе добијат засилување и за првпат оваа сложена и голема операција во Битола ќе се изведува заеднички и со војни и со полициски експерти.
Пиротехничарите на ДЗС кои мака мачат со опрема, услови за работа, непризнавање дека работата им е ризична, ниски плати и неисплатени дневници по емисијата Код добија поддршка и Дирекцијата започна со работа за решевање на сите тие наталожени проблеми.
Прво што треба да се менува е статусот, односно да им се признае ризикот на работа поради кој на своите униформи ја носат и својата крвна група бидејќи работат со експлозиви, бомби, мини и гранати. Процесот од ДЗС е почнат со менување на правилникот на министерството за информатичко општество, а во тек се и предлози за менување на законот за заштита и спасување. По 15 години служба за 20тина илјади денари плата, за првпат добија 500 евра награда откако ги прибраа илјадниците гранати под битолско Тумбе кафе.
Миомир Серафиновиќ