Идејата е имотот кој не е стекнат законски или нема законски потврдено потекло да биде одземен во итна граѓанска постапка доколку нема доволно докази за да се води кривична постапка против сопственикот на тој сомнителен имот.
Ваков начин на конфискација се применува со антимафијашкото законодавство во Италија кога во постапка за конфискација се цели имотот стекнат од криминалните групи и криминалци кои се во бегство, недостапни или се починати. Владата сега, три месеци по утврдување на нацрт-законот утврди предлог закон.
Секое спречување на ланецот на користење имот и имотна корист од кривично дело, за кое има или нема правосилна судска одлука, значи поголем успех на државата да го заштити доброто на заедницата и на поединецот од организираниот криминал и корупција и нечесно стекнување на имот, соопштија од владата.
Но, која е промената од првичниот предлог никој не соопштува. Според информации на Телма, во предлог законот се вметнати и таксативно наброени, кривичните дела за кои ќе може да се спроведува граѓанска конфискација. Тие измени биле согласно препораките на Советот на Европа.
Владата смета дека со законот за граѓанска конфискација ќе се пополнат „правните празнини коишто претставуваат реален предизвик за демократијата и владеењето на правото“.
Граѓанска конфискација ќе се применува во случаи кога за сопственик на сомнителен и нелегално стекнат имот не може да се обезбедат докази за кривична постапка, туку стекнувањето на имотот ќе биде префрлено во граѓанска постапка каде правобранителството ќе ја застапува државата по случаи на нелегално стекнат имот откриен од обвинителството.
Првичниот предлог бил да се одзема имот за кој нема доказ за законско стекнување, а е во висина од над 50 илјади евра од имотот за кој постојат докази дека е стекнат согласно законите и за него платен данок.
Миомир Серафиновиќ













