Иако бројот на апарати за магнетна резонанца е двојно зголемен од 7 на 14, тоа не резултирало со зголемување на бројот на прегледи. Во болниците нема доволно доктори кои може да читаат резултати. Eден дониран апарат не е во употреба и не се знае како се наплатени еден милион и 800 илјади евра од Фондот за здравство за овие прегледи.
Ова го покажува последниот извештај на ревизорите, на тема „Користење на здравствените услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца“.
„Ревизорите утврдиле дека и покрај остварениот напредок во поглед на обезбедување на седум нови покрај постојните осум апарати за МР во јавното здравство во последните три години, истите не се доволно искористени, а донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците“, се наведува во извештајот.
А граѓаните постојано се жалат дека нема слободни термини за прегледи, иако апарати има. Министерот за здравство Фатмир Меџити и сам неодамна призна дека добивал повици од граѓани за народски кажано да фатат врски за преглед преку ред. Причината за него е злоупотреба на магнетната резонанца и малиот број на кадар.
Извештајот го дематира Меџити во поглед на бројката на прегледи. Годишно на еден апарт се снима 2800 пати, што е под просекот во Европа кој се движи до три пати повеќе. Од вкупно над 110 илјади слободни термини, искористени се 56 отсто.
Најмногу прегледи се прават во Поликлиниката во Чаир, па потоа во Институтот за радиологија. Иако ревизорите се согласуваат со Меџити за проблематичното закажување на термини, сепак вината за тоа ја лоцираат во министерство, а притоа профитира приватното здравство.
„Воспоставена е пракса за неосновано и неоправдано упатување за снимање со МР од страна на специјалистите, за што од Министерството за здравство не се преземени мерки за санкционирање. Ваквите состојби влијаат осигурениците не секогаш да можат да добијат термин за преглед и да ги остварат правата од задолжителното здравствено осигурување во јавното здравство, поради што, не ретко користат услуги во приватното здравство, за кои пак надлежните институции немаат податоци“.
Извештајот нотира дека за разлика од Мој термин здравствените установи пријавиле над 25 илјади дополнителни прегледи. Од десет здравствени установи низ земјава кои имаат магнетна резонанца, само три ги вршат сите видови на дијагностика, а проблемот лежи во тоа што немаат доволно обучен кадар. Установите си ангажирале доктори однадвор и тоа ги чинело 150 илјади евра, при што има и значајни разлики во начинот на ангажирање и висината на надоместокот за нивната работа.
Во извештајот е наведено и дека нема трага на кој начин е извршена наплата на услугите од Фондот за здравство во вредност од 1,8 милиони евра. Со тоа постои можност, здравствените установи да загубиле најмалку 200 илјади евра од партиципација на пациентите.
Марија Митевска













