Данела Арсовска ја презема Нова Алтернатива на Ѓорѓи Оровчанец, дознава Телма. Скопската градоначалничка почна со собирање на потписи за основање на сопствена партија, но ќе влезе на политичката сцена преку веќе постоечки субјект.
Ниту таа, ниту од партијата не сакаа да ја потврдат оваа информација, но дознаваме дека договорот треба да се финализира денеска, а ќе биде објавен утре.
Нова Алтернатива беше создадена од страна на Ѓорѓи Оровчанец во 2007 година, во периодот кога тој беше член на ВМРО Народна партија и пратеник во Собранието. На парламентарните избори следната година влезе во коалицијата предводена од СДСМ и доби едно пратеничко место.
По ова, останаа во оваа коалиција, но на следните избори не добија пратеничко место. Не учествуваа на парламентарните избори во 2014 година, но повторно се приклучија на коалицијата предводена од СДСМ на изборите во 2016-та и во 2020-та година.
Во Основниот граѓански суд-Скопје партијата Нова Алтернатива е пререгистрирана, односно усогласена на 1 јуни минатата година, а како в.д претседател е запишан Сократ Ефтимовски од Ново Село – Струмица, спортски директор на боречката федерација на Македонија.
Арсовска денеска не одговори на нашите прашања. Деновиве потврди дека е во процес на формирање на партија, иако не откри повеќе детали.
Дилемите ќе бидат разјаснети утре, а меѓу нив и таа, дали Арсовска ќе го продолжи повеќегодишното партнерство на Нова Алтернатива со СДСМ?
Далиборка Демјанска Цветановска