„Нема слободни термини во наредните три месеци“ вели интернет сајтот Мој термин доколку сакате да закажете преглед на Институтот за радиологија. За тешко достапниот термин се жалат граѓаните кои велат дека со месеци чекаат за одредени специјалистички прегледи и за резултатите, па долгото чекање некогаш ги примора спасот да го бараат во приватното здравство. Побараа од надлежните да го решат проблемот.
За проблемите на пациентите свесен е и министерот за здравство Фатмир Меџити кој вели дека добивал повици од граѓани да бидат прегледани преку ред. И тој и директорката на Институтот велат дека проблемот во долгото чекање за термин и резултати е честата злоупотреба на магнетната резонанца и малиот број на медицински кадар и упатија апел до граѓаните ако немаат итност да не ги злоупотребуваат термините.
Во Институтот за радиологија денеска Министерството за здравство пушти во употреба нов Дигитален рентген апарат за динамички флуороскопски и радиографски снимања на деца во оваа установа. Радиологија доби и мамомат со томографија и стереотаксична биопсија, како и ехо апарат со еластографија кои се важни за рана дијагностика на рак на дојка.
Симона Петровска












