Премиерот Зоран Заев силно го критикува бугарското вето за почеток на преговорите со Европската унија. Ја нарече бугарската блокада тешка геостратешка грешка.
Во видео-обраќање до нацијата Заев вели дека Бугарија застана на европскиот пат на Македонија и го прекрши Договорот за добрососедство. Тоа не е пријателски, вели премиерот.
Тоа не е европски начин. За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство. Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ, вели Заев.
Во првата реакција по бугарската блокада тој ја критикува и опозицијата која, како што вели, 15 години има одбивност кон македонската определба за европски интеграции. Го нападна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека тој и неговата партија се единствените кои навиваа за Македонија да не добие датум за почеток на преговори.
Немаме намера да ја исправиме државата пред неизвесност. Еднаш поминавме низ тоа. Знаеме до каде не донесе национализмот. Нема да дозволиме ни нов, ни стар груевизам како оној после ветото од Букурешт во 2008 година, порача Заев.
Премиерот бара од Европската унија да ги почитува сопствените вредности:
И затоа бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитетски различности на нациите на Европскиот континент. Македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат исклучок од овој принцип, рече тој.
Заев вели и дека Македонија и понатаму ќе разговара со Бугарија да се најде решение, но не по цена на македонскиот идентитет.
Марија Дивитарова