Управата за јавни приходи ги има доказите и влезена е во траг на нафтените компании кои се обиделе да го изиграат системот и да затајуваат данок. Од УЈП најавуваат детали за утре, а од опозицијата се обидоа да бидат побрзи од истрагата на даночните инспектори и веќе излегоа со обвинувања дека даночниот орган прикрива криминал. Од власта реагираат – ова е обид за мешање во истрагата. На почетокот на декември, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, во телевизиско гостување откри дека УЈП постапува, се анализира и се прави попис на фактурите кои биле дел од деловните односи, како и анализа на физичките лица кои стојат зад спорните бензински пумпи. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во компаниите често се менувале одговорни лица и сопственици, а во поголем број од случаите, станува збор за лица коишто се од соседни земји и тешко се лоцираат.
„Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот. Со жалење констатираме дека системот на контролен механизам во институциите е нефункционален, а тоа го потврдуваат случаите минатата година процесуирани од обвинителство за фиктивно фактурирање и злоупотреба на службена положба.“ – вели Бојан Стојаноски од ВМРО–ДПМНЕ
Од власта реагираат на изнесените тврдења од страна на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ се меша во истрагата, велат од СДСМ. Тврдат дека одговорност ќе има за сите вмешани во криминалот.
„Случајот е откриен токму од УЈП, целата постапка на разоткривање и процедура за расчистување е веќе завршена и јавноста ќе биде запознаена со сите информации. Предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета. Сите инволвирани во овој случај ќе сносат одговорност согласно законите.“ – истакнаа од Социјалдемократски сојуз.
Тоа што засега е непознато е дали станува збор за големи компании, кои се обиделе да сокријат данок во сметководствената евиденција. Имињата на компаниите засега остануваат непознати затоа што станува збор за даночна тајна, регулирана во Законот за даночна постапка.
Петар Догов