По речиси две години застој се помрдна од место проектот за изградбата на Домот за стари лица во Пробиштип. Предвидено е јужното крило на здравствениот дом „Нада Михајлова“ во Пробиштип да стане Дом за стари лица, кој е со капацитет за 54 корисници.
Овој дом ќе има простор од околу 2.000 метри квадратни, а неговата изградба е со финансиска поддршка од Министерство за труд и социјална политика. Од државниот буџет предвидени се 55 милиони денари.
Имаме проекти кои што многу брзо доаѓаат до нивната реализација, но имаме и такви коишто некогаш знаат да закочат и да имаа престанок на работа. Се правеше нова проектна документација, измена во тек на градба. Тоа целосно нѐ закочи околу 18 месеци. Она кое што пред неколку дена го потпишавме со министерката за труд и социјална политика значи продолжување на изградбата на Домот за стари лица во Пробиштип, изјави Драган Анастасов, градоначалник на Општина Пробиштип.
Општините Пробиштип и Кратово мината година почнаа со услуги за помош и нега во домовите на немоќни и изнемоштени лица над 65 години. Обучени и сертифицирани негуватели изминативе месеци им ја овозможуваат оваа услуга на повеќе од 40 корисници.
За првпат влеговме во меѓуопштинска соработка со Општина Кратово, со Црвениот крст, каде што за 44 корисници на ваквата мерка се ангажирани 14 негуватели коишто неколку месеци наназад пружат помош на старите лица, додава Анастасов.
Жителите на источниот регион засега имаат само еден Дом за стари лица во Берово. За сместување во овој дом има долга листа на чекање, изминатите години со помош на државата и странските донатори се работи на зголемување на неговиот капацитет.
Викторија Димитрова Јованова