Македонија Најважни

Радев: Членство на Македонија во ЕУ само со прифаќање на „историската вистина“

Не е прашање дали, туку кога. Утешната реченица која со години стигаше од Брисел за пристапувањето на Македонија во ЕУ, тогаш блокирана од Грција, сега повторно се врати во речникот на европските претставници, овојпат на евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, но овојпат за блокадата на земјава од Бугарија. Гир кој рече евроинтегративниот процес на земјава не е ставен под знака прашалник сепак посочи дека стартот на преговорите зависи од постигнување консензус за преговарачката рамка за земјава.

И секако да продолжи дијалогот со Бугарија согласно заложбите за добрососедски односи. Прашањето не е дали Европската унија ќе ги отвори преговорите со Северна Македонија, туку, повеќе, кога, изјави Гир.

Освен дијалогот со Бугарија, според Гир, втората важна работа за земјава на евроинтегративниот пат е продолжување на реформскиот процес.

Дека Македонија треба да биде дел од Унијата како порака стигна денеска и од Бугарија, но под услов – земјава да ја прифати „историската вистина“.

Во пресрет на утрешниот министерски состанок на Унијата Бугарија потврди – ветото за старт на преговорите со Македонија останува. Непроменетиот став на официјална Софија го иснесе бугарскиот претседателот Румен Радев кој им порача на браќата во Македонија, како што ги нарече, дека членството во Унијата им оди преку признавање на „историската вистина“.

Ние сега треба да почекаме да се смират емоциите, да се вооружаме со трпение, со спокојство и разум, затоа дека нашите браќа од Република Северна Македонија треба да станат членки на ЕУ, но тоа мора да биде еден одржлив процес, каде искоренување на антибугарската реторика, говорот на омраза, каде објективното признавање на историската вистина мора да стане неповратен процес. И тука Бугарија треба категорично да ги брани своите права, изјави Радев.

Идентична порака стигна и од бугарскиот европратеникот Андреј Ковачев, кој иако доаѓа од спротивставениот политички блок на Радев, од редовите на партијата на бугарскиот премиер, Бојко Борисов, изјави дека не постои начин да се направи компромис со историјата и јасните историски факти во контекст на Македонија. Ковачев на македонската страна и порача да не бара разни изговори и оти изборите во Бугарија немаат никаква врска со заедничка историја, а премиер Зоран Заев дека му е потребна поголема храброст.

„Договорот за добрососедство и пријателство мора да се спроведе. Ако во заедничката Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија колегите од Скопје се плашат да ги прифатат фактите, тогаш ќе треба да се најдат други механизми за спроведување на Договорот“, изјави Ковачев.

Според Ковачев малку е веројатно до утре работите попрашањето на ветото да се сменат.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити вели дека со разрешувањето на уставната судијка, ДУИ губи можност за дестабилизацијa 

Дејан Дејан

Уставен пресече во корист на независните кандидати

Дејан Дејан

Владата го усвои договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе