Државниот здравствено санитарен инспекторат нема да истражува за погребите во лимени ковчези на починатите од Ковид-19. Директорката Ирина Бухова вели дека никогаш немало протокол за примена на оваа опрема за погребување.
За разлика од актуелниот корона протокол за погреби, со правилник од 2008-ма година за погребување на починати од 13 заразни болести задолжителна е примена на метални заварени ковчези како мерка за спречување на зараза. Дополнителните трошоци за ваков вид на погреб е помеѓу 200 и 300 евра кои ја оптеретуваа сметката на ожалостените семјства, а неколку претпријатија кои вршат погребални услуги за Телма изјавија дека при преземањето на починатите од болничките капели морале по барање на болниците да користат и да ги заваруваат металните ковчези.
Од владата цело време соопштуваа дека водат преговори за намалување на трошоците, но се до вчера не беше соопштено дека не треба да се користи ваков тип на опрема.