Соединетите држави се разочарани од бугарската блокада на македонските европски интеграции. Американската амбасадорка Кејт Мари Брнс, во интервју за Телма вели дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање.
„Секако се надеваме дека Северна Македонија ќе продолжи со процесот на пристапување кон ЕУ. Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме меѓувладина конференција до крајот на оваа година. И влезот на Северна Македонија во ЕУ ние го гледаме како заеднички интерес. Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно, и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија, двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграции “, вели Кејт Мари Брнс, амбасадор на САД во Македонија.
Реформската агенда и напорите да се продолжи кон членство во Унијата е второто важно прашање за Македонија, освен справувањето со пандемијата.
Тоа е важна агенда која бара поддршка од сите политички партии, вели Брнс и додава дека е важно партиите да ги остават настрана партиските разлики и реториката и да се фокусираат на соработка.
„Првата работа што ја бараат граѓаните се решенија. Многу лесно е да се укаже на предизвиците, да се критикува, но она што е тешко е да се работи заеднички на ефективни решенија. Се надеваме дека опозицијата, но и сите политички партии, сите организации, ќе застанат зад овие две цели. Прво за да се заштити нивното здравје и здравјето на граѓаните и второ да инвестираат во позитивна иднина која доаѓа со реформската агенда и напредокот на евро-атлантскиот пат“, изјави Брнс.
Таа вели дека американската администрација секогаш го поддржувала Западен Балкан, особено Македонија и не очекува да има промени кон регионот со промената на власта во Вашингтон.
Марија Дивитарова