Жителите на Кисела Вода повторно во судир со општината поради измени во ДУП –от и изградба на нова зграда. Станува збор за локација на самиот булевар „Борис Трајковски“. Жителите на оваа населба велат дека инфраструктурата тоа не го дозволува, височината на зградата ќе ја покрие и онака малата сончева светлина што ја добива основното училиште „Невена Георгиева Дуња“.
Парцелата припаѓа на „Тинекс“, на сопственикот на „Тинекс“ тоа е факт, меѓутоа според првобитниот план тој има дозвола за изградба на подрум и два или три спрата. Сега одеднаш апетитите растат спратноста да се зголеми на седум ката плус поткровје. Тоа е квадратура од 1500 метри квадратни на кои треба да се изградат некои 200 -300 станови, навистина не можам да кажам точна цифра колку.
Како што почнавме да делиме анкетни листови по становите се испостави дека апсолутно никој не знаеше за ова, а јавната расправа е веќе денеска во 09:30 среде работно време, како што може да видите и во време на корона криза. Реакцијата на луѓето може да ја видите, имаме 50 потписи и тоа само тука во едно попладне и тоа само од нашата зграда до сега А2. Луѓето се револтирани апсолутно.
Станува збор за јавна расправа за предлог план велат од општината, каде досега се доставени над 200 анкетни листови во кои жителите на Кисела Вода се изјасниле против ваквата промена на ДУП-от. Доколку се менува ДУП-от надлежните ќе ги земат предвид сите забелешки од граѓаните.
Само на сто метри подолу е скопскиот Расадник каде што е планирано да се изградат 97 згради. Жителите на Кисела Вода реагираат дека најчесто надлежните институции немаат слух за нивните барања и детално преиспитување на урбанистичките планови, зголемување на зелените површини со градинки и училишта.
Нина Стефанова