Вести Македонија Топ вести

Парламентарни и претседателски заедно или одвоени, пред Велигден или по празникот – дел од дилемите за избори во 2024 година

Нема идеален термин за парламентарните избори `24, кој ќе биде рационален, истовремено погоден за сите политички партии, а по можност – усогласен со претседателските избори.

Редовниот термин за избор на претседател се движи во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател, броејќи наназад од 12 мај. Или, прв круг во периодот од 14 март до 21 април. Тешкотии отвора обидот да се поврзат со парламентарните. Тие, според Уставот, се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на сегашните пратеници, или, броено од 4 август наназад, доведува до 5 мај. Она што го прави непогоден ден за избори е совпаѓањето со големиот верски празник Велигден. Спикерот Талат Џафери, кој треба да ги распише и едните и другите избори, вели дека можно решение е да не бидат во недела. Тој има намера да донесе законска одлука, независно дали и што би можеле да се договорат партиите.

-Законот и Уставот не викаат дека по секоја цена денот за избори мора да биде недела. Вика во последните 90 дена. Тие може да одлучат било кој ден, но ако излегува тој ден надвор од уставните рамки, јас нема да го почитувам и ќе си го направам своето. Тоа мене не ме обврзува, вели претседателот на Собранието Талат Џафери.

Џафери не поддржува опција за избор на пратеници пред 5 мај, бидејќи тоа ќе значи предвремени избори, распуштање на Парламентот и други ризици.

-Ако се оди на предвремени парламентарни избори а да постои ризик до 5 мај, до последниот момент да не избереме претседател, ние имаме не само уставна криза – просто немате држава! Немате парламент, немате претседател на држава, имате само Влада, или – монарх. И таа Влада е во оставка, не е активна Влада што може да работи.

На опасноста од уставна криза предупредува и ВМРО ДПМНЕ. Затоа Мицкоски бара лидерска средба во присуство на Џафери, на која ќе се договори решение за изборните датуми.

-Кога зборувам за лидерска средба, мислам на лидерска средба во формат во кој ние ќе разговараме за датуми за избори бидејќи може да влеземе во уставна криза и потоа процесите да бидат уставно предизвикани, или попрецизно, да бидат и неуставни, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Ковачевски не гледа потреба од нова лидерска средба и од договарање за датуми бидејќи тие се законски пропишани.

-Да ги супституираме институциите со средби на кои ќе седат двајца-тројца луѓе и ќе договараат нешто што не е во согласност со парламентарните и законските процедури, сметам дека тоа не личи на земја членка на НАТО која преговара со ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателот на СДСМ е за одвоени избори во редовните термини: претседателски уште во март, а парламентарни може и во јуни в година. Предвремени избори за него би биле опција само ако се изгласаат, или барем почнат, уставните измени. Тоа му го предложил на Мицкоски на последната лидерска во јуни и предлогот „се уште е на маса“.          

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гала концерт „Од MOБ за Скопје“ на плоштадот „Мајка Тереза“

Дејан Дејан

Родителите на жртвите од „Пулс“ во понеделник ќе чекаат одговори од надлежните за нивните барања

Дејан Дејан

Семејствата на жртвите од „Пулс“ не веруваат на институциите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе