Слабости, неможност да се наплати штета, неверојатно ниска цена, опасност по животната средина и јавниот интерес на граѓаните, сето ова е најдено со анализа на ДКСК за изготвување на ДУП-от за просторот спроти Холидеј Ин во центарот на Скопје. Законот е испочитуван, но јавниот интерес паднал под приватниот интерес, оцени Антикорупциската комисија.
Паркингот односно потенцијалното градилиште е во сопственост на МПЦ, а црквата заедно со приватна фирма влегува во градежниот бизнис со желба да гради згради високи 60 ката по ДУП кој е платен по неверојатно ниска цена од 1денар за метар квадратен простор на парцелата.
Антикорупциската комисија по сопствена иницијатива го отворила и анализирала овој предмет крстен „1 денар м2“ кој се однесува на објавениот тендер за изработка на ДУП-ови во општина Центар.
По донесена Одлука за набавка на услуги за изработување на детални урбанистички планови за потребите на општината, во декември 2017 година, била спроведена постапка за Јавна набавка со користење на отворена постапка.
Постапката била спроведена согласно Законот, потоа била спроведена Е-аукција која траела два часа и 20 минути. На крајот од Е-аукцијата најповолна понуда поднел економскиот оператор Билд Урбан ДООЕЛ Скопје, во износ од 1 (еден) денар за м2.
-Поради висината на цената, Комисијата за јавни набавки до економскиот оператор доставила Барање за појаснување на невообичаено ниска цена. Од страна на Билд Урбан ДООЕЛ Скопје доставено е Појаснување во кое се дадени аргументи за таквото постапување и понудената цена. Појаснувањето е разгледано од страна на Комисијата за јавни набавки и оценето е како прифатливо, по што е доделен договор за јавна набавка на економскиот оператор ДТУ Билд Урбан ДООЕЛ Скопје во вкупна вредност од 1 денар. Со анализа на тендерската постапка не констатиравме слабости во спроведување на постапката спротивни на Законот за јавни набавки, но за одбележување е дека во поединечниот договор за јавна набавка на економскиот оператор Билд Урбан ДООЕЛ Скопје предвидени се одредби со кои потребно е економскиот оператор да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во износ од 10 проценти од вкупната вредност на услугите предмет на истиот. Исто така предвидена е договорна казна во износ од 10 проценти од вкупната договорена цена на услугите предмет на единечниот договор за секој ден задоцнување, ако услугите не се завршат во предвидениот рок, која не може да надмине 5 отсто од вкупната вредност на договорот, појаснуваат од ДКСК.
Имајќи ја предвид вредноста на договорот (1 денар), според Антикорупциска, произлегува дека во овој случај општината не располага со адекватни и ефикасни правни механизми за наплата на штета и сметаат дека постои ризик од ненавремено и неквалитетно извршување на договорот без сериозни правни и финансиски последици за економскиот оператор. Според ДКСК, се доведува во прашање квалитетот на уредувањето и хуманизацијата на просторот како и заштитата и унапредувањето на животната средина.
-Оваа состојба, Комисијата за јавни набавки требало да ја согледа и земе предвид при оценувањето на прифатливоста на образложението за невообичаено ниска цена доставено од страна на економскиот оператор Билд Урбан ДООЕЛ Скопје, истакна Ивановска.
Овој план го опфаќа и паркингот спроти Холидеј ин за чија продажба реализирана во време на мораториум кога ДУП-от се ревидира и може да претрпи измени, ДКСК веќе се произнесе и укажа дека постои реален ризик од влијанија на сопствениците на тоа земјиште врз натамошната постапка на ревидирање и донесување на ДУП от од страна Советот на општината.
Од ДКСК препорачуваат органите на локалната самоуправа (Градоначалникот и Советот на општината) особено да водат сметка за квалитетот на плановите што ќе ги донесат при тоа имајќи ги предвид одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање за хуман простор и за заштита на јавниот интерес во еколошка смисла за животната средина.
ДКСК, потврди Ивановска, дека го работи и предметот за фабриката Треска каде во комисија за проценка, општина Центар избрала и сопственици на земјиштето што може да предизвика повтроно приватниот интерес да биде посилен од јавниот интерес.