Европските интеграции на Македонија и бугарските услови за отпочнување на преговорите со Европската унија, станаа уште една тема во меѓупартиската полемика.
Опозицијата ја обвини Владата дека не дала информации за разговорите со бугарската страна во Берлин како и за ветените отстапки.
Во барањето Влада за национален спас, СДСМ препозна барање за нови парламентарни избори, па коментира дека, со неучеството на локалните избори во Штип, ВМРО ДПМНЕ всушност бега од соочување.
Владеачката партија најавува интензивна комуникација на владите од Македонија и од Бугарија.
И опозициската Алтернатива се сомнева дека Владата не е доволно искрена. Во интервју за „Слободна Европа“, Африм Гаши потсетува дека пред три години, при потпишувањето на договорот за добрососедство, Бугарија беше најголем поддржувач на Македонија, а сега ги попречува евроинтеграциите.
Вчера, бугарскиот „Медиапул“ објави дека Софија на Скопје му поставува три услови во интегративниот процес: користење на официјалното уставно име на државата а не на кусото име без зборот „република“, користење „официјален јазик на Република Северна Македонија“ наместо македонски јазик, и, добрососедските односи да бидат следени низ посебно поглавје во преговарачката рамка.
Соња Николовска