Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња Диего Армандо Марадона успешно е опериран и според најавите на лекарите тој за неколку дена ќе ја напушти болницата и ќе замине на домашно лекување.
“Операцијата мина во најдобар ред. Диего по зафатот се разбуди и тоа е крупен чекор кон неговото закрепнување. Ќе остане во болница неколку дена, а потоа може да замине дома”, изјави Леополдо Луке, еден од најпознатите неврохирурзи во Аргентина.
Фудбалската легенда во понеделникот беше хоспитализиран откако лекарите му дијагностицираа анемија и дехидрација. И покрај фактот што неговата здравствена состојба почна да се подобрува по деталните прегледи беше констатирано дека во мозокот има хематом, кој мораше итно да се отстрани и тој веднаш од клиниката во Ла Плата беше префрлен во Буенос Аирес.
Пред болницата во аргентинската престолнина имаше голем број на навивачи кои му дадоа поддршка на својот миленик, но и со нетрпение ги чекаа информациите за неговото здравје.