Неколку дена откако стратешкиот партнер САД ни посочи дека Рамиз Мерко е корумпиран политичар, отсуствува вистинска реакција: ниту тој поднесе оставка, ниту ДУИ јасно се огради од него, ниту судскиот систем ги забрза постапките кои `се уште не застареле. Искусниот адвокат Звонко Давидовиќ се сомнева дека целиот правосуден систем е нефункционален и тесно поврзан со политички и бизнис елити.
-Обвинителството клиентелистички чека намигнување од Извршната власт и одобрение за да води постапка против некого за кого има сомнение за кривично дело. Тоа е недозволиво. Покажува дека системот комплетно ни е во распад. Едно посочување на американската администрација и ставање на Црната листа – не прави ништо, вели адвокат Давидовиќ.
Давидовиќ нагласува дека одговорност треба да понесат и судските фактори, но и оние што им се мешаат во работата.
-Не можеме ние да се бориме за правна држава и судски реформи, а да не повикаме на одговорност не само судии и обвинители, туку и политичари и бизнисмени кои си дозволиле да влијаат на судиите а тие потклекнале на тој притисок. Тоа треба да оди во еден потег. Второ, последната анкета покажа дека судиите анонимно, како глувци уплашени, без да кажат име и презиме, укажуваат на проблеми и притисоци што им вршат судии од повисоките судови, претседатели на судови па и политичари и други личности, но никаде јавно не проговараат за такво нешто, вели Давидовиќ.
И опозицијата бара одговорност, но не само од градоначалникот Мерко, туку од целата партија и нејзиниот лидер Али Ахмети, по информациите дека неговото семјество е `се побогато, а внукот Дрин ја купува Соравиа.
-Чии се парите кои легнале на фирмата на младиот Ахмети? Станува збор за сомнителен кеш собран од тендери или пак за некоја награда за остварена зделка? На овие прашања Ахмети и ДУИ треба веднаш да одговорат, да докажат потекло на парите на фирмата на внукот, а институциите веднаш да покренат постапка, изјави Драган Ковачки од ВМРО ДПМНЕ.
ДУИ и Ахмети си молчат, а СДСМ прашува: до каде е случајот со белата палата на ВМРО ДПМНЕ, како и со други предмети за функционери на оваа партија.
Мерко не е првиот политичар од Македонија што е ставен на Црната листа на САД, а амбасадата најавува дека нема да биде ни последен. Стејт департмент објави дека се работи за „бесрамна корупција, злоупотреба на јавни фондови и влијание врз судски предмети“. Дома, за Мерко има шест активни предмети во Обвинителството во фаза на предистрага, две застарени претставки од Антикорупциска и непознат број други предмети, но ниту една пресуда.
Соња Николовска