Министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашната Топ Тема, упати апел до приватните лаборатории да ги намалат цените на тестовите за Ковид -19, потенцирајќи дека во ситуација на ваква здравствена криза, профитот не е најважен.
Тој додаде дека како државни здравствени власти, немаат никакви можности да влијаат на приватните лаборатории, но сепак испрати апел до нив да ги намалат цените на тестовите.
Во однос на можноста за лекување на пациентите болни од Ковид -19, во приватните болници, Филипче вели дека за да се избегне опасноста од можноста кај нас да се случи италијанското сценарио, кога во државните болници може да нема место за сместување пациенти, луѓето ќе може да бидат лекувани и во приватните болници на сметка на фондот за здравство.
“Ако се соочиме со тоа, нашите јавни здравствени установи да бидат преоптоварени и да нема место каде да се сместат пациентите, ќе ги сместиме и во приватните болници, за што нормално, фондот ќе плати” – изјави Филипче во Топ Тема.
