Овој пакет на мерки за борба против Ковид- 19 е така димензиониран, да доколку се почитуваат препораките на комисијата при министерството за здравство, може оваа трансмисија на вирусот со која се соочуваме во моментов да спласне за едно два три месеци, изјави министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашната Топ Тема.
Тој оцени дека мерките кои делумно веќе се применуваат а дел треба да бидат усвоени на утрешната собраниска седница, како што е задолжителното носење маски на отворено, ќе го дадат посакуваниот резултат, но само доколку бидат почитувани од граѓаните.
Тој оцени дека овој раст на случаите бил предвиден и здравствените власти уште во време на летните месеци предупредувале на опасноста. Според Филипче новиот пик на пандемијата бил очекуван од сите земји на северната хемисфера, како и соседните земји , Косово, Србија, Хрватска.
Министерот за здравсво потсети дека во Македонија цело време по попуштањето на строгите мерки имаше сепак мерка на рестрикции и никогаш немаше целосно ослободено движење а маските требаше да се носат на затворено. Растот бил очекуван затоа што прво се вратиле луѓето од годишните одмори, започнале да работат во канцелариите а за жал продолжило и прекршувањето на мерките.
Филипче потенцираше дека еден од најважните параметри, кои го следат експертите е капацитетот на болниците, кој е индикативен за ширењето на пандемијата.
Во однос на тоа зошто не се спроведуваат таргетирани рестрикции, особено во општините каде има поголем број на случаи, како што се скопските општини, Аеродром и Центар, Филипче изјави дека бројката на новодијагностицирани пациенти сама по себе не значи ништо. Битни се одговорите од прашалниците, како се заразиле, во каква здравствена состојба се луѓето, бидејќи има многу позитивни случаи кои се во добра состојба со лесни симптоми. Како пример тој го посочи Демир Хисар, каде биле дијагностицирани 26 случаи, но сите се без симптоми.