Вести Најважни

Владата усвои нови рестриктивни мерки, но имплементацијата на стенд-бај

Угостителските објекти да работат најдоцна до 23.00 часот освен доставата, јавниот превоз да биде исполнет најмногу до 50% и јавната администрација да работи во смени, редуцирано со ротации или со работа од дома, се новите мерки кои денеска ги усвои владата на предлог на Комисијата за заразни болести.

Но за да стапат на сила, овие мерки, исто како и оние усвоени пред една недела за носење маски на отворено, забрана за групирање по 22.00 часот и забрана за не повеќе од четворица гости во домашни услови, треба да бидат усвоени од пратениците во собранието. Но до денеска до нив не е стигната ниту една од мерките.

„Ние такви мерки во Собранието, до овој момент, немаме добиено од владата… Но во пакет ако стигнат, ние сигурно во пакет ќе ги разгледаме. Јас веднаш, штом стигнат предлог мерките од владата, нормално кога претседателот на собранието ќе ги стави на дневен ред, веднаш потоа сум задолжен да ја свикам Комисијата за здравство“, изјави Арбен Зибери, претседател на собраниската Комисија за здравство.

Засега со измени на Законот за заштита на населенито од заразни болести се предвидува зголемување на ингеренциите на инспекциските служби, но и и за овие измени денеска не расправаа пратениците откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ побарала дополнително време да ги разгледа предлозите. Опозиционерите, како што се дознава, имале сомнеж во некои од одредбите. Според информации од Собранието, Законот повторно би се нашол пред пратениците идната недела, на 27 октомври, кога би се комплетирало владеачкото мнозинство со двајцата пратеници кои сега се во изолација поради Ковид-19.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно најавија дека на координација на пратеничката група ќе ги разгледуваат предложените мерки од Комисијата за заразни болести, без да кажат дали предложените мерки, кои веќе и се познати на јавноста, за нив се прифатливи.

Иако од Собранието информираат дека мерките не се стигнати до нив, министерот за здравство, Венко Филипче, денеска побара од Собранието итно да ги донесе новите мерки. Тој вели дека веќе нема време за одлагање, бидејќи состојбата со вирусот е сериозна.

„Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави“, напиша Филипче на својот фејсбук профил

Но и покрај барањето мерките да се изгласаат засега нема информации кога владата ќе ги достави до Собранието мерките кои ги усвои минатиот вторник, но и денешните.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Таткото Спасески се жали дека мајката го попречува да го види неговиот син

Дејан Дејан

Тројца кандидати го минаа филтерот за Европскиот суд за човекови права

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе