Вести Македонија Топ вести

Пендаровски: Македонскиот јазик е ноторен факт одамна потврден од светската лингвистичка наука

Иако поминаа седум и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење во меѓувреме беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата засебност, постоење. Интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни и светски лингвистички авторитети и институти кои за тоа прашање се имаат одамна произнесено, туку од одредени, најчесто политички и политичко-академски кругови од нашето непосредно окружување, истакна претседателот Стево Пендаровски на Отворените денови на Институтот „Крсте Мисирков“ со кои годинава се одбележуваат 75 години од кодификацијата на маккедонскиот современ јазик.
Без намера, како што рече, да ја оптоварува свеченоста со дневно-политичка реторика, нагласи дека научните аргументи и вистината се на наша страна.

– Од нив никој разумен не може да се откаже заради нашите предци, поради нас самите, заради обврската да ја сочуваме нашата духовна татковина, како што на времето се изрази за нашиот јазик големиот Блаже Конески. Токму Конески со своите капитални трудови, меѓу кои Граматиката на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, постави цврсти темели за сите натамошни македонистички проучувања. Почитувани професори и лингвисти, надоврзувајќи се на неговото дело и почитувајќи ги тие длабоко ископани темели ве замолувам со уште поголема страст да продолжите со вашата научна работа и напори за проучување и афирмирање на македонскиот јазик, истакна претседателот на државата во обраќањето на петтите Отворени денови на Институтот, годинава посветени на два значајни настана – озаконувањето на азбуката на 5 мај 1945 и објавувањето на првиот буквар на македонски јазик на 7 јуни истата година, што е и годишнина на правописот.

Во оваа пригода шефот на државата, како што рече, гласно ја реафирмира потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања за македонскиот јазик и за македонските дијалекти, а за таа цел, сите релевантни институции и фактори во државата мора да се вложат себеси многу повеќе од порано.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Кочани заврши ,,Маршот на ангелите”

Дејан Дејан

Пакистанците и Индијците слават по одлуката за примирје

Дејан Дејан

Денеска се одржува ,,Марш на ангелите” во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе