Шефот на бугарската држава Румен Радев упати порака до историчарите да ја најдат вистината, но до неа да се дојде без правење остапки. Компромис за јазикот, историјата и идентитетот не може да има, дециден е Радев.
Членовите на бугарско-македонската комисија се професионалци, тие ќе ја бараат и ја бранат, како и досега, историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака до нив е дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Секогаш има простор за компромиси, но тие не можат да се прават со историја, идентитет и јазик, или со барање за националните малцинства, рече Радев.
И додека бугарскиот претседател јавно ги соопшти црвените линии од кои нема отстапки, премиерот Зоран Заев е оптимист дека двете страни ќе ги усогласат сите отворени историски и образовни прашања. Опцијата е планот А, а за планот Б не се размислува.
Заев не одговори што доколку Бугарија ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија и Европската унија, како симболичен почеток на преговорите за членство. „Ако дојде до тоа, тогаш ќе го дадам одговорот“, рече Заев.
Јулијана Пешевска