Се зголемува бројот на заразени со коронавирусот во штипскиот Затвор, по четирите позитивни тестови на затворски полицаец, двајцата здравствени работници и еден осуденик, коронавирусот вчера е потврден и кај уште еден затворски полицаец, кој девет дена не бил на работа.
Директорот на Затвор-Штип очекува информации од епидемиолозите, какви дополните мерки треба да преземе и дали други лица треба да се стават во изолација. На деветмината осуденици, кои имале контакт со заразениот затвореник периодот на изолација им истекува утре, а на останатите двајца на 20 ти октомври.
Штип вчера во здравствениот билтен е со бројка од 13, од кои поголемиот дел се од новиот текстилен кластер, членови на семејства и нивни контакти.
Штипскиот Центар за јавно здравје дневно зема од 20 до 30 брисеви. Во штипската Клиничка болница бројката на инфициран здравствен персонал достигна до четири, а во изолација се вкупно седумина.
Проблемот со недостигот на кислород за пациентите во регионалниот Ковид центар се очекува да се надмине на 30 октомври, кога ќе се отворат понудите. Дневно за кислородната поддршка на пациентите се трошат од 30 до 40 боци кислород.
Викторија Јованова