Само уште десет празни кревети останаа на Инфективната клиника во Скопје за пациенти со Ковид-19.
Во Куманово, Струмица и Велес, повеќе нема слободни места и тие пациенти се препраќаат во Скопје.
Министерот за здравство изјави дека се пополнува капацитетот во сите инфективни оделенија насекаде во државата, но смирува дека болниците се` уште може да се менаџираат.
Фактот што, колку повеќе креветите се полнат, толку повеќе докторските ординации се празнат, за Филипче е резултат на премореноста од борбата со Ковид-19.
Откако неколку сестри и доктори си заминаа, отказ најавила и шефицата на Одделот за инфективни болести во болницата „8 Септември“,Патриција Каламарас.
Филипче повторно апелираше да се почитуваат мерките за превенција, да се носат маски и да се одржува дистанца, за да се забави ширењето на вирусот. Верува дека новиот пакет на мерки кој опфаќа рестрикција и зголемување на ингеренциите на инспекторатите ќе даде резултат.
Во спротивно, следниот чекор е целосен или делумен карантин по општините, за што се надева дека сепак нема да се случи.
Околу правните дилеми за мерката што предвидува повеќе од четири лица да не одат во посета на нечиј дом, кажа дека во периодот што следи може да има семејни собири со голем број на луѓе од кои може да се поттикнат голем број на кластери и логично е да се забранат.
Правниците ќе одлучат дали тоа ќе биде препорака или забрана и каков ќе биде начинот на контрола, но вели дека групирањето е ограничено и во други земји, како Франција и Словенија.
На искуството од Италија, пак, се повикува за носењето на маски на отворено. Вели дека, таму се променила епидемиолошката слика, токму по таа забрана. Од дополнителни рестрикции, доколку бројката на заразени продолжи драстично да расте, во план е и намалување на капацитетот во јавниот превоз, ограничување на работа на компании и угостителски објекти, како и затворање на училиштата и градинките.
За новиот пакет на мерки ќе се разговара уште викендов, а редовната седница на Влада е закажана за вторник.
Далиборка Демјанска Цветановска
