Есента го донесе и рекордот на нови позитивни на Ковид-19 во Македонија. 317 случаи за само 24 часа или 15,9% од направените 1990 тестови. По повеќе месеци константен број под 200 случаи на дневна основа, пред точно 5 дена на втори октомври, започна лошиот тренд со пораст на бројките на новозаразени, проследен во дневните извештаи на Институтот за јавно здравје. Претходниот рекорд на позитивни беше точно 240 случаи среде лето, на 17 јули.Во денешниот пресек на Министерството за здравство има информации за четири починати лица – сите во болнички услови. Пациент од Скопје на 59 годишна возраст, од Струга на 65, како и двајца пациенти од Гостивар на 71 и 76 години. 104 се оздравени во последните 24 часа, информираат здравствените власти. Како и секој ден, така и денес главниот град е лидер по бројот на новозаболени со 182. Двоцифрена бројка на новозаболени има во Кочани 18, Штип 13, во Куманово 12, Гевгелија 12 и Гостивар 11. А, во Скопје – Центар и Аеродром се населбите со речиси идентични 210 и 208 активни случаи. Голем број на активни откриени случаи има и во Кисела Вода 131 и Гази Баба 126. По подолго време Чаир не е на врвот на листата и таму сега има 66 болни. Порастот на бројот на новозаразени министерот за здравство Венко Филипче вчера преку фејсбук статус оцени дека е влез во есенскиот бран на вирусот.
„Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот. Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор.“
Во статусот на министерот пишува и дека рестрикции и мерки ќе се носат секогаш кога тоа е единствен начин да се заштити здравствениот систем. Филипче им заблагодари на оние коишто свесно и совесно ги почитуваат препораките и мерките, но порача дека новите мерки кои ќе се носат во следниот период за жал ќе мора да се однесуваат на сите – и на оние коишто почитуваат, но и на непочитувачите. Извори од Комисијата за заразни болести за Телма велат дека се уште нема најава за евентуален состанок во текот на утрешниот ден, но сигурно може да се очекуваат нови мерки во следните денови.
Петар Догов