Вести Македонија

Мини-купер; подарен стан на жената и 100.000 евра од ликвидирана фирма, ама нема вила во Халкидики- што имот има во новиот анкетен лист на Зоран Заев

За три години неколку промени во имотниот лист на премиерот Зоран Заев објавен денеска на веб сајтот на ДКСК.

За разлика од првиот мандат, Заев сега пријавил возило. Не станува збор за негов личен автомобил или мотор туку за возило Мини купер на неговите деца, кој е пријавен на вредност од 870 илјади денари (14,5 илјади евра).

Преку сопругата Зорица добил засилување на недвиниот имот, како подарок добил стан од 46 квадратни метри со 7 квадрати подрум во Струмица. Впишан е како подарок кој го добила неговата сопруга вреден малку повеќе од автомобилот на децата односно 900 илјади денари (15 илјади евра).

Уште две нови ставки има во новиот имотен лист на Заев, заем кој неговата сопруга го зела во вредност од 330 илјади денари односно 5,5 илјади евра. Не е впишано од кого Зорица Заева го зела овој заем кој треба да го врати до 2021-ва година.

Како „парични средства по основ на ликвидирање на фирма“ впишани се 6 милиони денари односно 100 илјади евра како имот на родителите. Во претходниот имотен лист од 2017-та, родителите на Заев како акции имале имот од 12 милиони денари или околу 200 илјади евра, но сега тие средства ги нема.

За разлика од претходниот имотен лист сега го нема ниту орочениот девизен депозит на сопругата Зорица тежок 445.445 денари (околу 7.200 евра). Но затоа не исчезнал туку се зголемил девизниот депозит на децата кои сега имаат 2,681.000 денари (над 43 илјади евра) во банка, а пред три години имале еден милион денари помалку (1.683.000 денари или околу 27.300 евра).

Останатите 5 ставки во имотниот лист од 2020-та се исти како и пред три години.

Имот на родители, деловен простор во Струмица вреден 3.690.000 денари, а со површина од 60 м2. Земјоделско земјиште од 4 хектари во Муртино, сопственост на на негови родители со вредност од 2,4 милиони денари.

Како имот на родители пријавена е и куќа во Струмица вредна 18,45 милиони денари (над 300 илјади евра. Куќата има 400 квадрати и е изградена во 2000-та година. Заев пријавил и стан на негови родители  во Струмица вреден околу 30 илјади евра, а купен во 2007-ма година.

Единствено што е лично на премиерот Заев во актуелниот како и во претходниот анкетен лист е заем кој го дал во  2012-та година. Должникот му должи на премиерот 4,3 милиони денари односно околу 70 илјади евра.

Во анкетниот лист нема друг имот на негово име, ниту пак е заведен имот на други членови на семејството освен најблиските, нема сопственост во фирми, ниту имот во странство. Имотниот лист е доставен на 30-ти септември во ДКСК, а објавен денеска.

Опозицијата пак повикувајќи се на странски медиуми тврди дека Заев односно блиски луѓе на него имаат луксузна новоизградена вила на Халкидики каде премиерот често летувал и одмарал во изминатиот период. Од владата ја негираа оваа објава на ВМРО-ДПМНЕ која ја сметаат за лажна вест бидејќи премиерот нема имот во странство. Заев бара извинување, а во спротивно најавува тужба за клевета, но од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговор од него дали негови блиски се сопственици на вилата и дали тој има имот во странство.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити: Имаме стабилно мнозинство

Дејан Дејан

Законот за сајбер безбедност наскоро низ владина процедура, во јуни во Собрание

Дејан Дејан

Билатералните прашања да останат билетерални, а не кочница на евроинтегративниот пат – порака на шефицата на австриската дипломатија од Скопје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе