Две недели доброволно затворање на локалите најави Независната угостителска комора откако вчера владата ги усвои препораките на Комисијата за заразни болести со кои се забранија настапи на пеачи во локали, јачината на музика е лимитирана на 55 децибели, дозволено е само по четворица гости на маса и има забрани за шанкерски маси. Сепак угостителите за да затворат поставија услов до Комисијата и до министерот за здравство, Венко Филипче.
„Кога ќе преземат обврски и одговорност дека доколку не се угостителите криви, ќе ги надоместата сите штети, а ние ќе ги затвориме доброволно за да покажеме и докажеме дека локалите се најмалце криви за тоа што во моментов има зголемен број на заразени од Ковид-19“, изјави за Телма Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.
Според Независната Комора, во која членуваат 70 угостители, велат дека новите мерки само ќе го докомплицира работењето на угостителите, ќе доведат до угостителска криза со Владата, а нема да го реши зголемениот број на заболени. Според нив поради десетина неодговорни угостители, се казнуваат 6.500 угостители.
„Ние создаваме, како што рековме денеска во дописот, нови ’херои’. Херои кои што се над власта, над законот, а притоа нема кој да ги санкционира. Ако една државна институција бара поддршка од владата таа да може да ги санкционира, а таа поддршка не ја добиваат, ние може и 1.000 протоколи да направиме – кој ќе ги спроведува, кој ќе ги контролира дали с епочитуваат или не. Јас сум сигурен дека без разлика на новите протоколи, кога ќе дојде пазарна инспекција и кога во локалот ќе ечи музика, која е таа казна што ќе ја напише. Протоколи кои што не содржат казнена политика за секоја точка поединечно и овластувања кој нив може да ги спроведе се безвредни“, вели Јосифовски.
По новите мерки, реакциите од угостителите, но и од самата пазарна инспекција која викендов се пожали дека одделни угостители не ги есапат казните кои им ги пишуваат и не ги ни прекинуваат забавите, од владата стигна најава дека утрешна седница и е зголемувње на ингеренциите на Инспекторатите.
На прозивката од Комората до Комисијата, за самоволие во носење на мерките, одговорија дека досега мерките се носени во консултации и со угостителите, а новите мерки, биле само за превенирање на поголеми собири и настани.
„Новите мерки и малата промена на протоколите апсолутно не го ограничуваат работењето на угостителските објекти кои и досега можеа да работат, туку превенираат поголеми собири и настани“, се наведува во соопштението од Комисијата за заразни болести.
Јосифовски на ова вели дека пре околу два месеци Комората до сите надлежни доставила препораки за унифицирање на протоколите во целата угостителска индустија, но оти до дене денес не добил одговор, ниту им било побарано мислење.
Тамара Грнчароска