Се пензионира со дуо драмата „ Партија реми“ , во 2018 година, што ја постави Виолета Џолева, но не ја напушти театарската уметност и денес. Доајенот на Драмскиот театар и на македонското глумиште воопшто, Ѓокица Лукаревски, е годинашен добитник на наградата за животно дело „Анче Џамбазова“, што ја доделува Фестивалот на комедија „ Гола месечина“.
Лукаревски ја одигра „ Партија реми“, на втората вечер на фестивалот. Како и пред 2 години, кога со ова остварување одбележа 40 години активност на сцена, така и сега Лукаревски низ улогата на старецот кој им пркоси на годините и положбата во која се наоѓа, докажа дека е актер на кој македонскиот театар сеуште може да смета.
Остварил бројни улоги во театарот, филмот и на телевизија, како и во радио емисијата „ Хихирику“, давајќи им личен печат. А, меѓу најзначајните негови признанија се главната актерска награда на Интернационалниот театарски фестивал на детски претстави во Котор- Црна Гора и наградата за најдобра епизодна улога „Димче Трајковски“, што се доделува на МТФ „ Војдан Чернодрински“ во Прилеп.