Студентите кои од понеделник ќе се сместуваат во студентските домови низ државата, ќе треба да се навинат на новите протоколи за живот во услови на пандемија. Според надлежните, сеуште има слободни места за сместување и во студентските и во ученичките домови, во Скопје и внатрешноста, а студентите од социјално загрозените семејства, до 10 овој месец може да аплицираат за еднократна финансиска помош од 6000 денари.
Од дезобариери на влезовите, преку одржување растојание во ходниците, до редуциран број за сместување. Ова се новите здравствени протоколи на кои ќе мора да се навикнат студентите при сместувањето во студентските домови низ државата , што започнува во понеделник. Во интерес на заштитата од Ковид- 19, користењето на заедничките простории заминува во минатото, а и сместувањето не е како порано.
- Во собите со две легла ќе се смести еден студент, а во соба со повеќе легла максимум два студенти. Масите во мензите ќе бидат на 2 метри растојание, а на секоја предвидена за 4, ќе седат по 2 студенти најмногу – Дарио Николовски- директор на Државниот студентски центар.
Во студентските домови во Скопје има места за дополнителен број студенти зашто до сега се примени 1614 од вкупно 2080, колку што дозволуваат протоколите. Постои и резервна листа.
- Оние кои што можеби ќе го променат статусот и како факултети рекле дека ќе работат само он лајн, може со подобрување на епидемиолошката состојба таа одлука на факултетот да се промени, ќе имаме, да имаме можност да ги примиме , затоа што ги исполнуваат условите за прием – Мила Царовска- министерка за образование и наука.
Тече разгледувањето на приговорите на одбиените за сместување, студенти, а до 10 октомври оние од социјално ранливите семејства , може да аплицираат во МОН за еднократен износ од 6000 денари, што би го користеле за сместување или за партиципација на факултет. Уште 1058 слободни места има во ученичките домови во Скопје, а 160 низ државата. 135 ученици ќе се сместат во студентскиот дом Сениќ, а за 73 од Битола и Струмица ќе се бара можност за сместување или патување до средните училишта , согласно законските измени кои се на Собраниска седница на 6 октомври.
Сотир Трајков