Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска во затворот Идризово пристигнала во 18 часот, приемот се одвивал според затворските КОВИД протоколи, кој завршил по половина час од приемот. Во одделението е со уште една жена која исто така била денска примена, но и двете се одвоени во посебни простории каде ќе ги минат наредните 14 дена, поради пандемијата, јавуваат затворски извори за Телма. Откако ќе поминат две недели, Јанкулоска ќе биде сместена во женското одделение.
Претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, за Телма вели дека денеска ја добил конечната пресуда од Врховен по што пресудата и е врачена на Јанкуловска. Џолев вели дека не постои можност за одлагање на затворската казна бидејќи тоа веќе го сторила претходно заради детето кое тогаш немаше наполнето една година.
Во 17.30 часот одделот за потраги од скопската полиција постапил по упатниот акт од судот, и ја привел Јанкуловска од нејзиниот дом, каде и било оставено половина час да се подготви.
Јанкуловска е осудена на 4 години затвор за случајот Тенк, односно незаконската набавка на Мерцедесот од речиси 600 илјади евра за Никола Груевски.
Јанкулоска одговара за злоупотреба на службената положба и овластувањата зашто му наложила на помошникот-министер во МВР Ѓоко Поповски да го намести тендерот и со пари од буџетот на полицијата, да купи блиндиран мерцедес, не за полицијата, туку за тогашниот премиер Никола Груевски, по негова нарачка.
Ова е прв министер, од претходната Влада кој заврши во затвор за предмет воден од специјанлото јавно обвинителство.