Ќе се бара ли стан повеќе наместо легло во студентски дом после одлуката на владата да субвенционира приватно сместување. Ниту студентите, ниту реководството на домовите не очекуваат дека оние кои ќе добијат легло во дом ќе се премислат. Ова доаѓа откако поради корона вирусот во двокреветните соби ќе спие само еден студент а во повеќе креветните по двајца студенти. Но синоќа владата одлучи дека останатите кои нема да можат да се сместат во дом, ќе добиваат пари за престој во стан под кирија.
Телма неофицијално дознава дека субвенцијата за стан под закуп се размислува да биде до 100 евра. Оние кои пак ќе сакаат да патуваат од родниот град до факултет предлогот е да им се субвенционира патувањето. Како доказ ќе треба да приложат договор за закуп или автобуски билети. Во домовите пак ќе бидат сместени повеќе од 800 студенти. Но резултатите од конкурсот кој беше продолжен, се уште се чекаат.
Одлуката да се отворат студентските домови доаѓа само на десет дена пред стартот на академската година, а нема да важи за студенти кои имаат онлајн настава. Предлогот за субвенционирање ќе треба да помине и во Собрание. Со одлуката се отвораат и ученичките домови а школската година започнува само за една недела.
Билјана Николовска