23 септември – обичен ден, но обележан во календарите на сите вработени лица во земјава. Денес се вратија на работа и оние коишто заради вирусот со месеци не се доближиле до своите канцеларии и работни простории.
Скопското сиво утро не потсети како изгледаше старата реалност. Влажните коловози како да ги тераат граѓаните да создаваат уште поголем метеж од вообичаено – повеќе автомобили отколку луѓе пеш на тротоар, но секој некаде брза.
Колку луѓе, толку заштитни маски на лицата – со по некој исклучок. На автобуските постојки раздвижено како што последен пат беше во февруари.
„Јас сум таков, денес прв ден после шест месеци. Бев на лекар, имам потврда ама од денес си тргнувам на работа.“
„Има луѓе што навистина не се за на работа, мајките со мали дечиња не се за на работа. Требаше да се продолжи до Нова година. Мислам дека е рано.“
„Ако доктор каже – да. А, ние знаеме да злоупотребуваме многу работи. Изгледа такви сме ние во нашата држава.“
„На работа мораме да одиме, тоа е. Одржување растојание и редовна хигиена, тоа е тоа. Посебно сега кога имам новороденче дома, и тоа како многу.“
Тоа што беше особено впечатливо за нас на терен беше метежот во автобусите. Се нижеа еден по еден низ центарот на градот, а од секој се симнуваше река народ.
Прашање е како ќе функционира јавниот превоз во следниот период откако денес сите се вратија на работа, а автобусите се уште возат по редуциран возен ред.
Но, движејќи се низ центарот на градот, случајно налетавме на возач на градски автобус кој сликовито ни објасни каква е ситуацијата кога е на работното место, зад воланот.
„Па јас сум нонстоп по автобусите, со патници. Рачунај по четири тури на ден, да ги броиш – во секоја тура помалку од 50-60 патници не се во автобус. Господ не чува. Има кај нас обележани точки кој каде да стои ама не може на тоа растојание. Еве на пример во автобус со број 5 не можеш да распоредиш кој каде да стои, се создава гужва. Треба да има повеќе“ изјави Владо Илиевски, вработен во ЈСП.
Владата пред две недели ја донесе одлуката да се вратат на работа родителите на децата до шест години, лицата кои користат продолжено породилно отсуство и дел од хронично болните лица – оние кои немаат мислење од специјалист дека се под особен ризик.
Тогаш, пред неколку недели се отворија и градинките и се утврдија протоколите за заштита од зараза со Ковид.
И додека денешниот ден после неколку месеци врати дел од старата реалност кај некои од луѓето – други живеат со истото секојдневно темпо.
Петар Догов