По неколку месеци повторно клуч на врата на една штипска конфекција, откако пет работници со коронавирус и симптоми се регистрирани во погонот, каде што работат. Конфекцијата по препорака на епидемиолозите од штипскиот Центар за јавно здравје е затворена. Станува збор за конфекција со 80 вработени и според најавата на сопственикот нема да работи две недели, со цел да не се шири вирусот.
Конфекцијата која е затворена, беше опфатена и во масовниот скринг во мај, кога за само една недела по препорака на епидемиолозите беа затворени осум конфекции, бидејќи вирусот молскавично се ширеше меѓу работниците, кои го формираа познатиот штипски текстилен кластер. Сепак епидемиолозите сметаат дека засега состојбата во Штип е стабилна, а денеска е регистриран еден случај. Здравствените работници алармираат дека вирусот циркулира меѓу населението, додека новозаболените повеќе не се само од конфекциите, туку има и заболени, кои кажуваат дека биле на одмор, поминале неколку дена во Охрид или на семејни веселби.
Викторија Димитрова Јованова