Депонијата Русино која со години е горлив проблем за гостиварци, засега е единственото решение за депонирање на отпадот од полошките општини. Иако граѓаните преку протести и блокади бараат нејзино дислоцирање, сепак Русино не може целосно да се затвори, затоа што ќе нема каде да се носи сметот на граѓаните, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешната прес-конференција. Тој истакна дека од локалните власти е побарано да го поминат инфраструктурниот план за да може да почне реализацијата на Швајцарскиот проект.
И жителите на Скопје се жалат дека не можат да дишат поради палењето на дивите депонии кои ги има во населбите Ново Лисиче, Хром, а веќе неколку дена гори шут и отпад кај спортската сала Борис Трајковски. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, испратил барање до полицијата за зголемени патроли. Општината најави дека ќе испрати и двајца комунални редари да дежураат по 16 часот, а започна и чистењето на оваа локација.
За во иднина да не се создаваат депонии министерот Нуредини порача на локалните власти да ги засилат инспекциите.
Централната власт ќе ги преземе ингеренциите на локалните самоуправи, коишто нема да бидат успешни во менаџирањето со отпадот. Иако досега не е преземен ваков чекор, сепак постои таква можност од 2018 година со Одлука на Владата.
Данијела Билбилоска