Ниту една недела не беше доволна за надлежните да го санираат дефектот кој настана по пожарот во Инспекторатот за животна средина, во зградата со повеќе институции.
На спротивната страна од истата зграда – Управата за водење на матични книги се уште е блокирана во работата. Струја нема, а со тоа е закочен и целиот процес кој се води компјутерски.
Скопјани не можат да извадат ниту еден документ – било да е тоа од матичната книга на родени, венчани или умрени.
„Пред 15-16 дена поднесовме барање за извод за новороденче и уште не е готов изводот. Не можеме здравствено да го пријавиме детето, не можеме ништо да средиме документација и тоа е навистина голем проблем. Доаѓаме на 2-3 дена, проверуваме дали почнале да работат. Нема каде да се јавиме, нема каде да провериме дали се отворени или не. Мислам дека треба да го решат проблемот некако по општините, да Нè пренасочуваат. Нели сè е системски?! Па би можеле да ги земаме изводите од други места“ изјави Стефанија Диманоска.
Во зградата нема струја од минатата среда. Пожарот во просториите на Инспекторатот за животна средина освен проблем со струјата, не предизвикал никаква друга штета на просториите на Управата.
Во моментите кога пристигнавме пред институцијата, не нè пречека голема редица како што е вообичаено таму.
Но, граѓани постојано доаѓаат. Освен оние кои секој ден поминуваат со надеж дека конечно ќе завршат работа, други првпат доаѓаат после пожарот и се шокирани кога ќе слушнат дека институцијата деновиве не работи воопшто.
„Ние како институција немаме никакви штети, нема ниту изгорени документи, ниту опрема, ниту било што. Не функционираме од едноставна причина затоа што во целата зграда има исклучено струја, претпоставувам од безбедносни причини. Според некои најави – ќе можеме да почнеме со работа евентуално од понеделник и дека до тогаш би бил дефектот саниран“ изјави Катерина Битровска, портпаролка на Управата за водење на матичните книги.
Во Управата за водење на матични книги успеале да се снајдат за изводите кои пред пожарот биле готови, па задолжен е човек од 10 до 12 часот да им ги предава на граѓаните. Сè тоа што после пожарот е поднесено е необработено.
И додека во оваа институцијата ситуацијата сè уште е статус кво – други институции се снаоѓаат со агрегат за струја по пожарот пред една недела.
Петар Догов