Со став „никогаш повеќе не се враќаме во Македонија“, српски државјани ја напуштаат нашата земја. Револтирани се што на температури од 40 степени се принудени да чекаат во ред на шалтер за да платат парична казна за сообраќаен прекршок.
Телма беше на терен да провери како се одвива процесот. Полициските службеници ги проверуваат пасошите на сите кои сакаат да ја преминат границата.
„Оваа неорганизација е навистина ужасна. Малите деца за кои ви зборував чекаат во автомобил на сонце, а ние чекаме овде и не може да платиме. Ова само ни зборува следниот пат кога ќе патуваме целосно да ја заобиколиме Македонија и да одиме преку Бугарија за да ја решиме работата“, коментира државјанин на Србија.
Оние на кои им е евидентиран сообраќаен прекршок се упатуваат на шалтер, каде што треба да ја платат казната пред да ја напуштат државата.
„Сега ќе дознам зошто чекам. Само да ви кажам ова е антиреклама за туризмот во Македонија, бидејќи јас претпоставувам дека се брзините во прашање. Ако навистина се бризините, во ред на страна и нека се плати или овде да се направи малку подобра организација. Јас сум стар човек и веќе никогаш нема да поминам овде“, реагира друг.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека со ова законот се применува еднакво и за домашните и за странските возачи.
„Поголемиот број возила кои денеска се појавија на граничниот премин се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци“, порача Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Засега, МВР нема податоци за точниот број на изречени казни. Системот „Безбеден град“ преку кој се евидентираат сообраќајните прекршоци во Скопје, во Куманово, во Тетово, како и на коридорите 8 и 10, функционира од февруари.
Тамара Марковска












