Трет ден по владината одлука, на граѓаните и денеска кои дојдоа во станиците за технички преглед за да ги заменат сообраќајните и возачките дозволи со новото уставно име им беа наплатени трошоците. Возачите тврдат дека вработените им кажале дека досега немаат добиено официјалано известување за да престанат со наплата .Од МВР велат дека одлуката за бесплатна замена на овие документи стапува на сила веднаш по објавување во Службен весник, но сеуште не е објавена.
„Одлуката за граѓаните да можат да извадат возачка и сообраќајна дозвола без паричен надомест е дадена во „Службен весник“ на 14.02.2024 година. Со одлуката нема да се наплатува кога ќе се врши замена на важечка возачка дозвола со натпис „Република Македонија“, со нова возачка дозвола со натпис „Република Северна Македонија“ до 31.12.2024 година. Исто така нема да се наплатува кога ќе се врши замена на важечка сообраќајна дозвола за возило со натпис „Република Македонија“, со нова сообраќајна дозвола за возило со натпис „Република Северна Македонија“, до 31.12.2024 година“, велат од МВР.
Проблемот со промената на личните документи удира и врз функционирањето на туристичките агенции. Од таму велат дека се загрижени доколку овој проблем потрае,бидејќи лошо ќе се одрази и во текот на целата сезона.
„Имаме граѓани коишто закажале патување, коишто се сликале пред нова година и очекуваат да патувааат меѓутоа од оваа ситуација е неизвесно и не знаат кога ќе ги добијат тие. Работата на туристичките агенции многу ми е жал што несериозно се гледа на ова и што и никој не го нагласи ова прашање и никој не го разгледа овој проблем како би се решил и колку брзо би се решил. Ако вистински брзо се справиме со ситуацијата и може да се извадат е во ред, меѓутоа ако трае подолга може и на целата сезона да се одрази на туристичките агенции“, вели Ана Марија Алексова Манева.
Налепниците со кодот НМК и денеска во дел од станиците за технички преглед ги има, а онаму каде што се потрошиле велат дека немаат добиено нови материјали.
Симона Петровска












