Помалку луѓе на улиците, а полни контејнерски локации со смет. Летните горештини не им одат во прилог на комуналните служби. Телма беше во обиколка на главниот град, на фреквентни места каде што граѓаните се жалат на отпад. Само во урбаното Маџир Маало наидовме на две мини-депонии. Во моментот кога пристигнавме, возило на ЈП „Комунална хигиена“ веќе го собираше отпадот.
Вработен во претпријатието, кој одби да зборува пред камера, рече дека граѓаните знаат да го фрлаат отпадот од своите прозорци, дури и кога имаат корпи пред своите згради. Во населбата Капиштец, покрај ќеси со комунален отпад, можеа да се забележат душеци, шкафови, остатоци од мебел и тоалетни школки. Слично беше и во Општина Аеродром, каде што, покрај комуналниот отпад, имаше расфрлана покуќнина.
На мини-депонија, покрај лошата миризба, може да се забележи и дека кантите се скоро празни, но и покрај тоа отпадот е насекаде околу нив.
Во Општина Карпош, веднаш под мостот „Обединети нации“, имаше оставено стара облека и ќеси со отпад. Додека службите реагираат на несовесните граѓани, жителите бараат почесто да се собира сметот.
„Отпадот е проблем кој ми се чини дека не го забележуваме затоа што постојано сме со толкав отпад опкружени. Не сум приметила дека нешто значајно е преземено во врска со отпадот“, изјави една граѓанка.
„Се собира отпадот кога, како“, изјави друг граѓанин.
„Преполни контејнери, околу нив расфрлани работи“, посочи граѓанка.
Одговор побаравме и од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, од каде што ни посочија дека со години нема никакви инвестиции во опрема, возила и кадар. Тие истакнаа дека овој проблем треба да ги засега и институциите, но и граѓаните.
„Далеку е подобрена состојбата во делот на она што е надлежност на „Комунална хигиена“, значи празнење на контејнерите. Не велиме дека е идеално. Има одредени пропусти поради тоа што имаме ужасно лоша состојба, со години никакви инвестиции, ниту во возила, ниту во кадар, ниту во опрема, ниту во контејнери, меѓутоа се држиме да го задржиме тоа ниво“, изјави Митковски, директор на ЈП „Комунална хигиена“.
Покрај отпадот, во дел од населбите сè уште има и паднати дрвја од невремето што се случи пред еден месец. Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски рече дека тие го расчистуваат теренот, но не можат да постигнат.
„Интензивно се работи. Во Аеродром имаше паднато повеќе од 120 дрвја, 120 дрвја не се отстрануваат за еден ден. Сите пристапни улици, сите патеки, сите паркинзи се комплетно ослободени. Останати се поголеми дрвја за кои што треба друга механизација за отстранување, најчесто во парковите, каде што не пречат во секојдневното функционирање на граѓаните. И денеска работиме во соработка со јавните градски претпријатија, како што се „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“, и ќе продолжиме во наредниот период’’, истакна Митевски.
Невремето зад себе остави паднати дрвја, гранки, како и паднати фасади од згради и куќи.
Софија Бислимоски
















