Вториот ребаланс на Буџетот за годинава треба да биде завршен до крајот на октомври, најави денеска премиерот Мицкоски. Ќе се кратело и кај приходите и кај расходите, но сѐ уште не е познато кои ставки ќе претрпат измени. Претседателот на Владата тврди дека поради воведените мерки намалена акциза и ДДВ-то за дизелот, во буџетот има потфрлање кај овие приходи.
„Отприлика од 25 до 50 центи по литар е поевтино горивото кај нас отколку во соседството. Нормално, тоа си има своја цена. Цената е отприлика од седум до осум милијарди денари и затоа за да се избалансираат сите овие работи ние ќе правиме ребаланс. Очекувам во текот на овој месец да биде завршена процедурата. Ќе се крати и на расходите и на приходите и мислам дека тоа нема да се почувствува во делот на економијата“, изјави премиерот Мицкоски.
Милијарда евра недостигаат во државната каса – алармира СДСМ по најавата за нов ребаланс на Буџетот. Од опозициската партија обвинуваат за лошо управување со економијата и предупредуваат дека недостигот на средства ќе значи нови задолжувања.
„Нема добра наплата, нема раст, искористеност на капиталните инвестиции, предупредувавме на ова кога се носеше Буџетот и сега што останува – нови задолжувања. Зошто? Поради тоа што лошо се менаџира економијата. Милијарда евра фалат во Буџетот. Не е за тоа виновна кризата. Да, има свој придонес, меѓутоа не до тој степен да треба нов ребаланс на Буџетот. Лошо водење на економијата и на финансите доведува до тоа да фалат милијарда евра во буџетот“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Ситуацијата на берзите и растот на цените на енергенсите дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу исполнувањето на буџетските планови. На три месеци до крајот на годината, треба да се обезбедат уште околу две милијарди евра приходи, додека од планираниот буџетски дефицит преостануваат нешто над 100 милиони евра. Дали ќе има ново прекројување на буџетот или ќе се бара решение со пренамена на средствата, треба да биде познато во следните денови.
Експертите пак неколку пати посочија дека ќе биде неопходен втор ребаланс на буџетот. Ваква ситуација се случи и за време на претходната енергетска и Ковид-криза кога министер за финансии беше Фатмир Бесими.
Петар Догов













