Водата за пиење е исправна, во неа нема никакви бактерии и скопјани не треба да стравуваат, соопштија надлежните институции, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски шпекулациите ги оцени како сериозно кривично дело и побара берза истрага и строги санкции.
Акредитираната лабораторија за тестирање на квалитетот на водата во склоп на скопски „Водовод и Комуналец“ јавно ги објави резултатите од 36 мостри подигнати во понеделникот на различни локации во Скопје.
– На дневно ниво ги покриваме сите скопски општини со тоа што дополнително е земен уште еден вонреден примерок од водоснабдителниот систем на Град Скопје. Тоа е мерното место кај фабриката Пивара. Направена е брза ПЦР анализа и констатирано е дека не е утврдено присуство на геномски копии на „ешерихија коли“ на колиформни бактерии ниту на псеудомонас. Тоа е за примерокот земен од вчера. Ова се резултати од 36 мерни места со комплетна физичко хемиска анализа и микробиолошка анализа со датум од понеделникот бидејќи за микробиолошката анализа се потребни минимум 48 часа, изјави раководителот на Сектор за санитарна контрола, Емилија Аневска.
Со официјална информација дека водата за пиење во Скопје е безбедна се јавија и здравство и АХВ.
Од министерството за здравство соопштија дека во досега во Скопје, на ниту една клиника не е регистриран пациент кој се пожалил на здравствени проблеми кои може да се поврзат со евентуално консумирање на загадена вода. Од АХВ пак соопштија дека досега не добила информација од акредитираната лабораторија дека имало било какво загадување на водата за пиење.
Градоначалникот Ѓорѓиевски побара од МВР детална истрага и строги санкции за лица кои ги шират дезинформациите кои ги нарече терористички чин и кои предизвикаа паника кај жителите на Скопје.
– Ова е организиран напад за ширење на хистерија кај граѓаните во Скопје. Ширење паника и страв и ова не е наивна работа. Јас разбирам политика и во политика е дозволено многу пати нешто што не е нормално. Но вие на ваков начин да се обидувате да ширите паника и хистерија јас нема да дозволам. Затоа ќе има соодветни постапувања. Разговарав со министерот за внатрешни работи и тука не треба да има ниту трошка толеранција кон никого, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Истрагата ја водат МВР и АНБ, а според инфромациите на „Телма“ засега се идентификувани две лица кои ги ширеле дезинформациите. Станува збор за едно женско лице кое било повикано на информативен разговор и при распитот кажала дека содржината ја презела од профил на Фејсбук група. Жената потоа е пуштена. Утврден е и идентитет на уште едно машко лице кое ја споделувало дезинформацијата за загадена скопска вода.
„Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите ќе бидат повикани на информативен разговор, велат ос МВР“
Во меѓувреме Јавното обвинителство отвори предмет околу дивата депонија во близина на изворот Рашче, а градоначалникот Ѓорѓиевски ја исклучи можноста депонијата да биде потенцијален извор на загадување бидејќи е на голема оддалеченост и најави дека почнал со расчистување.
Огнен Чанчаревиќ













