Наместо досегашните 20 денари за метар кубен вода, за домаќинствата ќе се наплаќаат 22,2 денари за потрошена вода за пиење. Ваква одлука донесе денеска Советот на Општина Тетово на седница на која опозицијата побара посериозно образложение зошто се зголемуваат тарифите за водоснабдување и за канализација.
„Се гледа драстичен раст на цената од околу 17,75 проценти. Се повикувате на решение на Регулаторна, барем да ни доставевте образложение, го немаме добиено образложението. Затоа барам заедничка пресметка колку плаќаат денес, а колку ќе плаќаат за вода и канализација во секоја од следните три години“, рече Боби Илиевски од Левица.
Износите се утврдени согласно Правилник, методологија и упатство за утврдување на тарифи, по решение на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги за регулиран период 2027-2029 година, истакна директорот на комуналното претпријатие за водовод и канализација.
„Ние секои три години имаме, треба да носиме бизнис план за ЈКП „Шари“ што ќе инвестираме за трите години трошоци што ќе ги има претријатието“, рече Ваљон Зеќири, директор на ЈКП „Шари“.
Покрај домаќинствата, сите останати корисници како институции, правни лица, здравствени установи и други ќе имаат зголемена цена од 31 денари и 55 дени по метар кубен потрошена вода, како и нови износи за одведување отпадни води.













