Надлежните ја прогласија водата за пиење во Гостивар за безбедна и групно се напија по чаша вода, опозицијата изразува сомнеж, власта ги обвинува за ширење хистерија.
СДСМ обвинува дека премиерот и министерот за здравство заминале на одмор, а го испратиле Стојанче Ангелов да наздравува со водата во Гостивар. Обвинуваат дека не виделе документ кој потврдува дека водата е безбедна за пиење. Прашуваат од кога јавното пиење вода е метод за проверка на исправноста. Тие бараат Обвинителството да покрене постапка и да утврди кој и врз основа на кои анализи потпишал дека водата е безбедна.
Прво најавуваа дека резултатите ќе бидат готови дури на 20 август. Сега, под притисок на јавноста, наеднаш велат дека водата е чиста – шест дена порано. Како до вчера, 20 август, а денес нагло сè е во ред? И сè уште нема официјално објавен документ со кој се потврдува дека водата е чиста и здрава за пиење. Оваа ситуација бара одговорност, а не циркус. Во прашање се здравјето и животите на граѓаните на Македонија, вели Маја Борозан од СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира дека СДСМ шири страв и паника кај граѓаните и оти сите надлежни институции направиле анализи со кои се докажува дека водата во Гостивар веќе е безбедна за пиење.
Претседателот Венко Филипче кој е заедно со Заев на Егејот, најдобро да се врати час поскоро, затоа што почнаа да се покажуваат првите симптоми кога ќе те удри сонце во глава, а тоа е дезориентираност. Видливо е дека во СДС навистина се во целосен хаос. Во оваа прилика ќе им укажеме дека нивните кажувања останаа на ширење лаги и паника кај граѓаните и не само лаги, туку и опасни информации по здравјето за граѓаните, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
По пет недели, надлежните вчера конечно ја одобрија водата од водоводот во Гостивар за пиење, откако беше загадена кога со пумпи во водоводната мрежа била внесувана загадена вода. За загадувањето е отворена истрага против раководители во Гостиварски комуналец.
Во меѓувреме, во изминатата недела на социјалните мрежи се појавија дезинформации дека водата во скопскиот водовод е загадена. Надлежните веднаш го демантираа тоа, а полицијата повикува на информативен разговор луѓе што ја ширеле таа информација. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази надеж дека со измените на Кривичниот законик ќе се воведе и казнено дело за луѓето кои свесно шират страв и хистерија кај граѓаните.
Срѓан Стојанчов













