Најголемата владејачка партија кај Македонците и најголемата опозициска партија кај Албанците покажуваат најголем интерес за предвремени избори. Премиерот постојано декларативно зборува дека граѓаните не сакаат избори, туку реформи, но и вчера повторно испрати порака дека, доколку опозицијата ги побара, тие нема да седат настрана. Но од опозициската СДСМ, внимателно калкулираат со ова прашање.
- Ние сме секогаш подготвени за избори, имаме и мастер план што наскоро ќе го презентираме, но не сакаме да му бидеме алиби на Христијан Мицкоски. Одамна велам и ќе повторам, предвремени избори ќе има тогаш кога на оваа влада ќе ѝ снемаат пари,а тоа веќе се случува, го повтори својот став Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Во кампусот на Албанците, е обратно. Предвремена проверка, како и во изминатите две години бараат од опозициската ДУИ.
- „Оние што го погазија легитимитетот, сега се кријат штом ќе се побара да го измерат пред граѓаните. „Влен„ знае дека ја немал и ја нема поддршката на Албанците. Знае дека неговата власт се потпира врз милоста на политичките патрони и врз газењето на слободниот глас.Ако добиле дозвола, нека ги прифатат предвремените избори.Нивниот молк веќе е одговор: се плашат од граѓаните и од пресудата што ги очекува„, велат од ДУИ.
Од „Вреди„ побараа, пред да отворат уста за избори, да кажат зошто по поразот на локалните избори никој кај нив не понесе политичка одговорност.
- „Муабетите за легитимитет и барањата за предвремени избори им се само за по дома, за да ги држат во кондиција истите фотелјаши и да им продаваат надеж дека уште малку ќе се вратат на власт за повторно да крадат. Но, тие приказни веќе не поминуваат ни во Мала Речица.На следните избори граѓаните ќе ја довршат работата и ова нереформирано раководство, кое функционира како политбиро, ќе го испратат право во политичка пензија„, одговорија од „Вреди„.
Од досегашните 11 парламентарни избори во земјата, 5 беа предвремени, а 6 редовни.
Далиборка Демјанска
Б.С.













