Ќе го објави ли утре Ахмети претседателскиот кандидат на ДУИ или повторно се работи за вешто спакуван предизборен трик? Партијата најави дека нивниот лидер преку „директен пренос на Фејсбук, ќе ја соопшти големата вест“.
Но, не е првпат од оваа партија да си играат со зборови, помпезно да најават „големи вести“, а да се работи за нешто од типот на „Зелена агенда“ или договор за „технички премиер Албанец“.
Последната таква порака, насловена како „Само Али Ахмети“, поттикна шпекулации дека тој ќе се кандидира за претседател, што набргу беше демантирано, за денеска да се појави информација дека нивни кандидат ќе биде градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари.
Утре ќе се знае и кандидатот на движењето ЗНАМ, додека поголемите партии адутите ќе ги откријат на почетокот на март. На листите за пратеници од СДСМ ќе се најдат и коалициони партнери кои биле изоставени на последните избори.
Во Алијанса за Албанците се подготвуваат паралелни листи за пратеници, а чии ќе бидат прифатени од ДИК, на Таравари или на Села, ќе се знае по одлуката на тетовскиот основен суд. Таборот на Тарвари почна правна битка со тоа што поднесе претставка со која се оспорува конгресот организиран од Села, на кој беше разрешен досегашниот претседател, а вратен стариот.
Далиборка Демјанска













