„Пулс“ имал нула прописни излези за евакуација, кажа градежниот вештак на денешното рочиште за пожарот во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Иако на прв поглед наликува дека објектот има три отвори, сепак, не значи дека има безбедни излези за евакуација, објаснуваше во детали вештакот. Кобната ноќ посетителите морале да излезат низ т.н. летечка двокрилна врата која воопшто не била евакуациона врата, туку тесно грло.
„Замислете ситуација во која 600 посетители треба истовремено да ја напуштат просторијата зафатена со пожар. Сите тие се насочени кон само еден отвор чија широчина е два и пол пати помала од потребната. На тој начин, отворот станува тесно грло на единствената патека за евакуација. Во услови на пожар, помалата широчина на отворот не значи само побавна евакуација. Таа може да доведе до тоа дел од луѓето да останат заробени во опасната зона и да не успеат навреме да го напуштат објектот“, рече вештакот Маријана Лазаревска.
Со сите изведени зафати дополнително е намалена пропусната моќ на објектот и се влошени условите за навремена и безбедна евакуација, констатираше вештакот од Градежен факултет. „Пулс“ не ги исполнувал ниту условите да биде кабаре, туку диско клуб. Направените интервенции на објектот биле реконструкции и сите зафати биле правени на диво, кажа Лазаревска.
Единствнеиот документ кој наликувал на проектна документација, според вештаците, не може да се третира како основен проект и не ги содржел законските фази. Но, ниту тој не бил испочитуван во однос на материјалите кои требало да бидат вградени во „Пулс“. Овој документ не бил никогаш поднесен во општината, но бил употребен во државниот пазарен инспекторат и МВР.
„Дополнително, вградените материјали, без стручен надзор и без соодветна контрола на квалитетот, како што е полиуретанскиот сунѓер, имале негативно влијание врз развојот и ширењето на пожарот и дополнително ги влошиле условите во просторијата. Пожарот започнал токму од сунѓерот поставен на плафонот. Станува збор за лесно запалив материјал кој брзо гори и овозможува пламенот и пожарот брзо да се прошират по целата површина на плафонот“, додаде Лазаревска.
Родителите на загинатите млади луѓе велат „нема да прифатиме ништо помалку од вистината“, а градежното вештачење им дава надеж дека правдата е достижна.
„Клопчето се размотува, а одговорноста сè повеќе се зацврстува. По 17 месеци болка и борба, слушајки го градежното вештачење денеска, уште појасно ги гледаме сите пропусти и непостапувања што со години се таложеле. Колку и да е болно да се слуша, сето ова нѝ дава надеж дека вистината, конечно, излегува на виделина“, изјави Александар Наунов, татко на починатата Надица.
И на следното рочиште ќе продолжи сведочењето на градежните вештаци.
Елена Ивановска Мукоска













