Суровини се потребни, но мора да се внимава на влијанието врз животната средина, предупреди европратеникот Томас Вајц, говорејќи на сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет, посветена на животната средина. За актуелната тема деновиве-најавата за отворање на нови рудници посочи дека постојат современи и поеколошки технологии за рударство, но тие се поскапи и мора внимателно да се размисли што ќе се добие, а што ќе се изгуби. Дали здравствените трошоци што ќе се платат како последица од загадена река ќе бидат погиолеми од приходите?
–Знам дека отворате рудници, и рударството е дел од реалноста, ни требаат суровини, имаме телефони, техника… но апелирам добро да размислите што ќе добиете, а што ќе изгубите. Во рударството парите не се во копањето, туку во преработката, во производтсвото. Рударските фирми се големи, мултинационални компании, колку пари ќе останат овде, а која цена ќе ја плати замјата за тоа?, предупреди Томас Вајц, европратеник и известувач за Македонија во ЕП.
Вајц рече и дека, Македонија има природно богатство кое сè уште не е доволно препознаено надвор од земјата, а неговото подобро рекламирање може да донесе и економска корист. Националните паркови, Пелистер, Галичица, Маврово и Шара се само дел од местата што ги посочи како доказ дека земјата има голем потенцијал за развој на природниот туризам. Предупреди и дека климатските промени веќе не се далечен проблем, затоа државите мора да се приспособат на условите што веќе се менуваат – од градовите и земјоделството до инфраструктурата и транспортот.
За ова прашање, бугарскиот европратеник, Кристијан Вигенин, рече дека, напредокот на Коридорот 8 е многу важен.
–И двете земји треба да почнат со практичниот дел од работата, со тендери и градежни работи на железницата. Добри патишта, добри железнички врски не можат да се третираат како второстепени нешта што треба да ги правиме, рече Кристијан Вигенин, европратеник од Бугарија.
Пратеникот од СДСМ, Благој Бочварски, пак, ги критикуваше Бугарија и Грција дека ги кочат инфраструктурните проекти.
-Ниеден инфраструктурен проект нема вредност ако завршува на административната граница на земјата, а тоа се случува и со железницата од грчка страна и граничниот премин Клепало од бугарска страна, рече Благој Бочварски, пратеник од СДСМ .
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Драгана Арсова се осврна за напредокот во законодавството на земјава во областа на животната средина.
Комитетот усвои заклучоци и амандмани за обврските што треба да ги преземат државите во оваа област.
Далиборка Демјанска













